29 години Царинска управа на Република Северна Македонија

47

Царинската управа, денес, на 14-ти април одбележува 29 години од своето постоење како самостоен државен орган. Со оглед на условите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески, преку видео порака им се обрати на царинските службеници, соработниците, учесниците во царинските постапки, како и на сите граѓани и се осврна на постигнатите резултати во текот на изминатата година.

Соочени со посебни предизвици и потешкотии предизвикани од пандемијата, Царинската управа следејќи ги промените, со брзи реакции и флексибилност успеа проектите и активностите кои започнаа во 2019 година непрекинато да ги извршува и во 2020 година. Па така, изминатат година ја одбележаа повеќе настани и проекти меѓу кои и претседателството со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, кој има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија. Како претседавачи со овој комитет, успеавме да воспоставиме т.н. зелени коридори, преку кои за време на пандемијата сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА, како и на клучните гранични премини со Европската Унија. Исто така, согласно потребите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат го развивме новиот модул РАВИО во рамките на ЕХИМ системот кој служи за автоматско следење и стопирање на лицата кои се обидуваат да излезат преку аеродромите од државата, а имаат решение за изолација.

Подетални податоци за сите постигнатите резултати на Царинската управа во изминатата година, може да погледнете во видео обраќањето на директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески.

Традиционално, на денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење, а на царинските службеници кои одбележуваат 10, 20 и 30 години од своето работење, им беа доделени Благодарници во знак на признание за нивната посветеност при вршењето на должноста на царинскиот службеник.

Во рамки на годинашното одбележување на царинскиот празник, организирана беше и крводарителска акција, а својата хуманост царинските службеници ја искажаа и преку донација на мебел, инвертер клима уреди, постелнина, неколку кујнски апарати, детски играчки и друго за “Родителска куќа“, каде се сместени родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на хемато-онколошкото одделение на Универзитетската клиника за детски болести.

Годишниот извештај за работењето на Царинската управа во 2020 година, може да го видите ТУКА .