Европскиот шампион Реал Мадрид утревечер гостува во Париз кај ПСЖ во обид да ја зачува предноста од 3:1 остварена на првиот натпревар од осминафиналето во фудбалската Лига на шампиони.

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан очекува тежок и како што вели, комплициран натпревар.

– За мене дуелот со ПСЖ ќе биде прв на француско тло откако сум тренер. Очекувам „жешка“ атмосфера во Париз, но ние сме навикнати да играме во такви услови. Се подготвуваме за тој натпревар како и за секој друг. Ќе се обидеме да останеме фокусирани на нашата игра. Нема да го браниме резултатот од Мадрид. Ќе одиме на победа и во Франција, истакна Зидан.

Французинот информира дека тимот комплетен патува во Париз, а дали ќе можат да играат Тони Крос и Лука Модриќ ќе се знае утре.

Натпреварот ПСЖ – Реал Мадрид се игра утревечер со почеток во 20 часот и 45 минути.