Oпштината Шуто Оризари е единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и каде што ромскиот јазик е официјален јазик покрај македонскиот јазик, рече премиерот Зоран Заев на синоќешното чествување на Светскиот ден на Ромите.
Во обраќање пред присутните гости на свеченоста, меѓу кои беа и претставници на дипломатскиот кор, пратеници од Собранието на Република Македонија и министри од Владата на Република Македонија, честитајќи го празникот, Премиерот Заев потсети дека од 2001 година, со направените уставни измени, и Ромите се рамноправен народ во Република Македонија.
„Се изборивме лани, заедно, за изградба на Република Македонија во eдно општество за сите, со еднакви права и должности пред законот. И се почувствував гордо за овие придобивки, со коишто сигурно се гордеете и вие, што не беше лесно ни да се постават како цел, ниту да се дојде до нив. Но факт е дека мора да се постигне ниво на достоинствени услови за живот кон што сме насочени.
Заев нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, освен што е бележник на ромската култура е и ден на граѓанската свест.
„На сите нас, од сите националности и вери, деца, стари, возрасни, ни требаат и образовни и културни права – но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се граѓаните Роми“, рече Премиерот Заев.
Тој укажа на фактот дека веќе се направени првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамки на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации, и истакна некои од поважните активности како што се проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи во текот на учебната 2017-2018, основањето на 12 ромски информативни центри, во 12 општини.
„Сакам да потенцирам дека силна е политичката волја на Владата на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјава. Определени сме да ги следиме и сите европски препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа за вклучување на Ромите“, рече премиерот Заев на свеченоста по повод Меѓународниот ден на Ромите.