Во насока на воспоставување и зајакнување на соработката на релација Општина Прилеп-бизнис сектор, градоначалникот Илија Јованоски денеска ја посети „Прилепска Пиварница“. При тоа, градоначалникот оствари средба со генералниот директор Сашо Самарџиоски и со заменик генералнит директор, Панде Самарџиоска, после што ги посети производствените капацитети и беше запознат со процесот на производство на пиво.
Истакнувајќи го значењето кое оваа компанија го има за прилепското и македонското стопанство, градоначалникот Јованоски рече дека „Прилепска Пиварница“ е пример за останатите стопански капацитети, за тоа како треба постојано да инвестираат во современа технологија
„Прилепска Пиварница“ не е бренд само на нашиот град и Република Македонија, туку и пошироко. Ова што денес го видов во компанијата, ми дава за право да бидам горд како граѓанин, а уште повеќе како градоначалник на Општина Прилеп. Посебно горди треба да бидат менаџерскиот тим и вработените, бидејќи направиле компанија за респект и за почит. Карактеристиките на оваа компанија се квалитетот, стандардите и високата технологија на производство, заради што и компанијата „Пепси“ му додели „Златна плакета“, која е една од 18-те доделени во целиот свет. Ние како локална самоуправа ќе ги поддржиме сите проекти на оваа компанија и ќе направиме се’, таа да биде уште поуспешна од досега“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Сашо Самарџиоски, генералниот директор на „Прилепска Пиварница“, рече дека му е особено драго заради остварената посета од страна на градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет Миле Талевски, бидејќи, како што самиот потенцираше, многу ретко се случува претставници од политичкиот живот да го видат производствениот процес.
„Оваа посета ја искористивме да размениме мислења за некои стратешки одлуки кои Пиварницата треба да ги преземе во иднина. Тука локалната самоуправа ќе биде важен чинител, затоа што без нејзина помош и помош на градоначалникот, тешко дека можеме сами да опстоиме во своите намери за понатамошни инвестиции. Јас се надевам дека соработката која и така е на високо ниво, ќе продолжи и понатаму со цел да ги заокружиме процесите кои ги имаме во предвид за наредните години“, истакна Самарџиоски.
Последната инвестиција на „Прилепска Пиварница“ која е во тек, е линија за производство на пиво и газирани безалкохолни пијалоци во пластична амбалажа. Висината на инвестицијата изнесува 6 милиони евра и истата е реализирана од сопствени средства.