Премиерот Зоран Заев, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, денеска одржа средба со ученици иноватори и нивните ментори, кои како тим наречен MAKBot Pioneers ќе ја претставуваат Македонија на Светското првенство во Детроит во САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање наука и технологија и од компанијата „Лего“.
Тимот MAKBot Pioneers е составен од девет ученици од сите основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Гошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика.
Нивниот проект е посветен на употреба на неискористениот потенцијал на термичките води, кои кога се враќаат како отпадна вода ја имаат вистинската температура за одгледување на алгата спирулина.
Изразувајќи огромно задоволство од средбата, премиерот Заев истакнал дека е чест да се дружи со младите ученици, иноватори и нивните ментори, кои покажуваат на дело дека во Македонија може да се дизајнираат и создаваат корисни дела.
„Јас ги повикувам нив, но и сите млади, да работат, да создаваат и да креираат тука, во нашата Македонија. Притоа се обврзувам дека Владата ќе продолжи да ја интензивира поддршката за иновации, за информатичка технологија, за развој и за дигитализација на Македонија“, истакна Заев.
„Овој тим од вредни, креативни и посветени ученици и нивниот пронајдок – робот, кој извршува задачи во областа хидродинамиката, ќе ја претстави и промовира Македонија на светската мапа на млади иноватори и затоа ја заслужуваат сета наша поддршка. Да им честитаме на учениците, но и на нивните професори и ментори кои се заслужни за успешно завршената работа“, рече премиерот Заев.
Посакувајќи им среќа на претстојниот светски натпревар, кој ќе се одржи од 25 до 28 април, премиерот Заев на тимот млади иноватори им порача дека веќе го имаат постигнато најголемиот успех со тоа што ја добиле шансата да се натпреваруваат во групата на 107 учесници од над 60 земји.
„Се договоривме дека, без разлика на исходот на Светското првенство, ќе ми пишат имејл како си поминале и ќе ми пратат фотографии од Детроит“, додаде премиерот Заев.
Професорот Гордан Анастасов, изразувајќи благодарност за сите помагачи и спонзори, информира дека тимот од млади иноватори работел сам на идејата и реализацијата на роботот и проектот и освоил одлични резултати на регионални натпревари во Србија и Словенија, по што е поканет на Светското првенство.
Ученикот Горјан Илијевски пред присутните ја претстави работата на роботот направен од лего-коцки со разни приклучоци во зависност од мисијата што треба да ја извршува.