Студентите што престојуваат во домот „Стив Наумов“ денеска беа изненадени од неочекуван гостин.
Имено, според објавите што некои од нив ги споделија на социјалните мрежи, змија се појавила пред една од бараките на студентскиот дом. Студентите кои со затоплувањето на времето започнале да ги отвораат прозорците од своите соби стравуваат дека во летниот период би можеле да добијат несакан цимер.
Некои од нив сметаат дека причината за појавување змија во непосредна близина на влезот на една од бараките е неискосената трева во дворот на студентскиот дом. Инаку, змиите не се единствен проблем што ги мачи студентите од „Стив Наумов“. Пред одреден период во домот се случи поплава во третата зграда на студентскиот дом. Проблемот настанал поради долгогодишна занемареност на одржувањето на зградата.
Студентскиот дом е лоциран во населбата Автокоманда и е составен од три згради и 8 павилјони. Важи за еден од најзапоставените студенски домови во државата и функционира во супстандарнди услови. Првите две згради се изградени во 1964, а третата зграда е изградена во 1992 година. Пред неколку години во употреба беа пуштени новите павилјони кои никнаа на местото на старите бараки. Во нив се смета дека има најповолни услови за престој на студентите за разлика од другите делови за кои студентите во многу наврати се жалеа дека има екстремно лоши услови за живеење.