На покана на Македонскиот сојуз во Шведска, денес, министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, присуствуваше и се обрати на Изборното собрание на оваа македонска организација во дијаспората.

Министерот Адеми ги запозна присутните делегати со неговата работа во текот на изминативе десетина месеци и притоа истакна дека една од неговите цели е да воспостави институционална соработка и комуникација помеѓу Република Македонија и нејзината дијаспора. Министерот Адеми ја истакна и важноста на Националната стратегија за соработка со дијаспората, документ кој за првпат се изработува во Република Македонија, и во кој се анализираат постојните состојби, предизвиците, како и насоките за делување и воспоставување на успешна соработка помеѓу државата и дијаспората.

“Големината на Македонскиот сојуз е дејствувањето како неполитичка и непрофитна организација во овие простори, но со историска визија зачувувајќи ги темелните вредности на македонското општество во целина во европски рамки и во овие простори од континентот”, истакна министерот Адеми.

Дополнително на тоа, министерот Адеми ги информираше присутните делегати и со работата на Владата на Република Македонија во целина. Тој истакна дека главен фокус на Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017-2020 година е развојот на економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните, преку поддршка на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, коишто инвестираат и отвораат нови работни места. Многу важна вест за дијаспората е и усвојувањето на Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите од страна на Владата на Република Македонија, кој покрај домашните и странските инвеститори, ги опфаќа со финансиска поддршка и инвестициите од дијаспората.

Во однос на надворешната политика, министерот Адеми го акцентираше значајниот напредок на Република Македонија кон евроатлантските интеграции, и како многу значаен момент го посочи последниот Извештај на Европскиот Совет за земјите на Западен Балкан и Извештајот на Европската Унија, кој содржински е со кристална чиста препорака и за Република Македонија.

На крајот од своето обраќање министерот Адеми се заблагодари на поканата и во свое име и во име на Владата на Република Македонија, на присутните им посака успешна работа и во иднина и позитивни резултати и опстојување како Македонски сојуз.