Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми од денеска па до 27 април ќе престојува во официјална посета на Соединетите Американски Држави. За време на престојот, министерот Адеми ќе ги посети Њујорк и Вашингтон, при што ќе оствари средби со претставниците на Стејт Департментот, Конгресот на САД и со претставниците на дијаспората од Република Македонија.
Министерот Адеми за време на престојот во Њујорк ќе има предавање на Универзитетот Колумбија на тема: „Западен Балкан, Македонија и интеграцискиот процес – Има ли улога за дијаспората? “.
Во Вашингтон, министерот Адеми ќе оствари средби со високи претставници на државните институции на САД, пред се со Ашвуд Еферн, координатор на програмите за дијаспора во Kанцеларијата на Државниот Секретар, и средба со Сузан Фалатко, в.д. директорката на канцеларијата за Југо – централна Европа во Стејт Департментот на САД и со група конгресмени во Конгресот на САД, лобисти за Македонија.
Во фокусот на средбите со високите претставници на државните институции на САД и со дијаспората ќе стане збор за динамизирање на стратешкото партнерство во билатералните односи меѓу Република Македонија и САД, за новиот пристап на Владата на Р. Македонија кон евроатланските интеграциони просеци и новиот моментум во овие процеси.
Исто така, со дијаспората ќе се пренесе новиот пристап РМ кон неа и нивно институционално поврзување со матичната земја, како и размената на искуства во однос на странските инвестиции и зајакнување на економскиот сегмент за поврзување со Македонија.
Меѓу другото, министерот Адеми, соговорниците ќе ги информира и за политичките состојби во државата, активностите за членството на НАТО и ЕУ интеграциите, како и размена на мислења за регионалната соработка и други актуелни прашања.