Владата ги објави националната стратегија за спречување на насилен екстремизам (2018-2022) и националната стратегија за борба против тероризам (2018-2022) заедно со акциските планови кои беа усвоеи на седница одржана на 6 март.
Националните стратешки документи беа изработени од националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам во кој партиципираат 22 членови и 22 заменици членови кои се постојано вработени во 21 Министерство и институции на Република Македонија.
„За време на изготвувањето на националните стратешки документи беа вклучени сите членови на националниот комитет, експерти посветени на спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, како и претставници од граѓанското општество кои учествуваа на јавни консултации организирани во Скопје и Тетово“, информира Владата.
Од таму велат дека потребата за изготвување на нови национални стратешки документи е заради потребата да се пренесат активностите во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата на полето на превенцијата и да се примени сеопфатен општествен и институционален пристап при справувањето со овие безбедносни феномени.