Општина Аеродром ќе гради нов парк во населбата Мичурин, спроти ОУ „Блаже Конески“. Старите игралишта што се наоѓаат на оваа локација во моментов имаат оштетени реквизити, урбаната опрема тука е застарена и нефункционална, а зеленилото запуштено.
Новиот проект ги вклопува постојните елементи, односно детското и спортско игралиште, патеките и дрвјата и предвидува нивна целосна обнова, односно поставување нови и дополнителни реквизити и урбана опрема. Идејното решение максимално ќе ги користи постојните зелени површини, а проектирани се и нови зелени површини и богато хортикултурно уредување. Овој парк, што ќе се гради по долгогодишно барање на жителите од овој дел на Аеродром, ќе биде прилагоден за сите возрасти.
За потребите на проектот се издвоени околу девет милиони денари од буџетот на Општина Аеродром. Активностите на терен ќе почнат веднаш по изработката на основниот проект и добивање одобрение за градење.