“Патните трошоци на пратениците никако да стигнат на дневен ред во Собранието. Очигледно е дека и на владејачката,и на опозициската партија не им одговара кратење на патните трошоци. Сите сложно молчат“, стои во соопштението на Граѓанско демократска унија.
„Македонската јавност виде како покрај огромните плати, парламентарците си го полнеле џепот и со пари од граѓаните за патни трошоци, а она што најмногу загрижува е дека според одредени информации си имале добро разработена шема со која го изигрувале законот и добро се офајдиле од патарини.
Откако се се обелодени и стигна осудата од јавноста, сега СДСМ нуди три опции за кратење на патните трошоци, а ДУИ како провокација најавуваше амандман со кој ќе се бара укинување .
Апелираме пратениците да престанат да провоцираат и да најавуваат нешто што не го мислат и не го посакуваат, туку да го направат она што треба . Доста е со богатење на грбот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај.
ГДУ бара да се укинат патните трошоци за СИТЕ ИЗБРАНИ И ИМЕНУВАНИ ФУНКЦИОНЕРИ.
Народните избраници да не се обидуваат да го одлолговлекуваат ова прашање и да тераат по старо. Наместо да се натпреваруваат кој повеќе ќе земе за патни трошоци, нека се фатат за работа, за она што се избрани и да носат закони во корист на граѓаните.
Платите на пратениците и директорите се доволно големи да можат да си платат превоз до работното место, или да си изнајмат стан. Само за споредба еден македонски пратеник е 3,5 пати подобро платен од просечен граѓанин.
Почитувани пратеници, бидете доблесни и почитувајте ги оние кои ви овозможиле пратеничко столче и висока плата“, стои во соопштението на ГДУ.