Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска учествуваше на политичкиот форум „Следната деценија, регионалната соработка и европската интеграција” кој се одржа во Приштина во организација на Институтот „Демократија за развој“, Косовскиот центар за безбедносни студии и тинк-тeнкот „Балканска истражувачка група”.

Во рамките на форумот, Османи се обрати на панелот „Стратегијата за проширување на ЕУ и Берлинскиот процес за Западен Балкан”, каде заедно со колегите од Косово и регионот ги презентираа можностите за унапредување на регионалната соработка, како и придобивките за земјите од истите.

„Европската Унија останува единствениот природен партнер на земјите од Западен Балкан”, потенцираше Османи во воведот од своето обраќање пред присутните на форумот и додаде дека ЕУ со својата политичка стабилност и економска моќ успеа да се издигне во најголема економија во светот и да прерасне во најатрактивна дестинација за бизнис, за трговија, за студирање и живеење, што неслучајно придонесе не само сите земји од Источна Европа и Југоисточна Европа туку и земјите од Западен Балкан да се силно ориентирани кон неа.

„Ако размислиме од каде потекнуваме историски, каде припаѓаме географски, но и каде сакаме да бидеме во иднина, ние не треба да одиме никаде бидејќи ние сме веќе онаму каде што сакаме, ние сме во Европа!”- изјави Османи, додавајќи дека за членство во ЕУ, сепак, се потребни суштински промени кај земјите од Западниот Балкан. Османи додаде дека Западен Балкан е регион со долга историја, со широка културна и верска разновидност и во услови кога по неколкудецениски конфликти регионот повторно е стабилен, задача на сите е да се зачува и одржи оваа стабилност т.е. дека интеграцијата преку почитување на различноста е основа за одржлив мир и просперитет на Европа во целост.

Во врска со Самитот за Западен Балкан, кој ќе се одржи наредниот месец во Софија, Османи изрази надеж дека Самитот ќе донесе позитивен импулс во односите помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, ќе го зајакне инфраструктурното и дигиталното поврзување помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, ќе ја потврди посветеноста на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, односно ќе ја потврди припадноста на регионот на европското семејство и ќе овозможи заедничко справување со предизвиците од областа на безбедноста, миграцијата, како и со предизвиците од геополитичка природа.

„Продолжувањето на процесот на проширување на ЕУ, односно приклучувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ ќе придонесе за посилна, посигурна и побезбедна Европа во целина која ќе се базира на заеднички вредности демократија, владеење на правото и почитување на основните права”, заклучи Османи.