Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, поради злоупотреба на буџетот со исплата на речиси 22 илјади евра за авторско дело кое никогаш не било сработено. Пријава е поднесена и против порашениот заменик-министер за економија, Христијан Делев, кој според полицијата, иако знаел дека не биле испочитувани роковите и не било доставено авторското дело, на 5 април 2017 година потпишал лажна изјава дека е завршена работата.
Секторот за внатрешни работи Скопје, односно Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против 37-годишниот Кирил Божиновски од Скопје и Христијан Делев (44) од село Пиперово, Струмичко, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, со што е нанесена штета на буџетот во висина од 1.352.400 денари.
Како што информираат од полицијата, во текот на 2016 година бил склучен авторски договор помеѓу Г.Д., застапуван од Агенцијата за интелектуална сопственост АРТПИЦК Скопје, и Владата, во тоа време застапувана од Кирил Божиновски, како генерален секретар.
„Со тој договор Г.Д., на барање на Генераленниот секретеријат на Владата, се обврзал во периодот од 28.01. до 28.02. 2016 година лично да изработи и достави авторско дело ‘Интелектуален труд – прибирање информации и податоци, анализа, изготвување извештај и негово елаборирање за енергетски суровини од аспект на правната легислатива’. Вредноста на склучениот договор била проценета со бруто-износ од 1.352.400 денари, буџетски средства кои требале да му се исплатат на Г.Д. откако во предвидениот рок ќе го достави авторското дело до нарачателот – Генерален секретеријат на Владата. Второпријавениот Х.Д. во својство на заменик на министерот за економија, иако знаел дека Г.Д. не ги испочитувал договорените услови и рокови и не го доставил авторското дело за кое бил склучен договор, потпишал лажна изјава за завршена работа согласно со барањата и договорните услови“, се вели во соопштението.
Божиновски, пак, потпишал и издал наредба од буџетската сметка на сметката на Г.Д. да се исплатат парични средства во вкупен износ од 1.200.000 денари без ДДВ, со што му овозможил противправна имотна корист и на тој начин го оштетиле буџетот за 1.352.400 денари.