На глобално ниво 35 проценти од жените или 818 милиони жени над 15 години доживеале сексуално или физичко насилство дома, во нивните заедници или на работното место, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.

Дел од истражувањата направени на глобално ниво од страна на меѓународни организации, покажуваат дека жените кои работат како домашни работнички во приватни домаќинства често се изложени на ризик од психолошко, физичко и сексуално вонземирување и малтретирање, а медицинските сестри во просек се трипати почесто изложени на насилство на работното место од другите професии. Истражувањата укажуваат и дека речиси половина од медиумските работнички жени доживеале сексуално вознемирување на работното место, а три четвртини заплашување, закани или злоупотреби на нивните работни места. Поради сето ова, Сојузот на синдикати на Македонија и Секцијата на жени се вклучуваат во кампањата на Меѓународната конфедерација на синдикати за спречување на насилството врз жените и мажите во светот на трудот.

Целта на кампањата е да се изгради критична маса за поддршка за усвојување на конвенцијата на Меѓународна организација на трудот (МОТ) со препорака за спречување на насилството врз мажите и жените во светот на трудот и да се мобилизираат синдикалните активности за елиминирање на родовото насилство на работните места.

– Години наназад, синдикатите бараа една ваква препорака, бидејќи сведоци сме дека во светот неможе да постои достоинствен труд доколку постои насилство на работното место. И денес често сме сведоци како во светот, така и во нашата држава дека работниците трпат некаков вид на насилство, но досега не постои некој стандард или закон којшто ќе претставува добра основа за насочување на ваквата конвенција, изјави претседателката на Секцијата на жени при ССМ, Елизабета Гелевска.

Сојузот на синдикати на Македонија ќе лобира до македонската Влада и до Организацијата на работодавачи на Македонија да го поддржат усвојувањето на конвенцијата на МОТ со препораката за спречување на насилството врз мажите и жените во светот на трудот.

Првите дискусии ќе се одржат на 107 седница на Конференцијата на МОТ закажана за јуни годинава.