На седницата денеска ќе се најде Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, како и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија.
На денешната седница, закажана во 13:00 часот, на дневен ред е и Информацијата до Владата на Република Македонија за работната дефиниција за антисемитизмот усвоена од страна на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА).
Секретаријатот за европски прашања на денешната седница на Владата на РМ ќе ја презентира Информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија, и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка за билатерална проектна соработка, како и Информацијата за потпишување на два Договори: Договор помеѓу Република Македонија и Шведска, претставувана од шведската агенција за развој и соработка СИДА и Договорот помеѓу Република Македонија и Шведска за општите услови на развојната соработка.
Министрите во Владата, денеска ќе ја разгледаат и Информацијата со Предлог-одлуката за формирање на Управен одбор на Проектот – Самовработување со кредитирање и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места, на предлог на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
На дневниот ред на седницата денеска ќе се најде и Информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“, како и информациите за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот рехабилитација и реконструкција на автопатите, експресните и регионалните патни делници во Република Македонија.