Јас мислам дека треба да се пофали владата на Заев за се што до денес направи. Исто така знам дека во овој момент на големо опозицијата на Мицкоски се труди да го скандализира секој потег, дури и овој денешниот со апсењето на Камчев, негирајќи дека сериозното обвинение всушност било “пренасочување” (или спин) само за да се прикриеле некои (имагинарни и непостоечки!) скандали на владата. Односно од секоја сламка тие прават вести дека се работи горење на цела куќа.

Забораваме дека сите сериозни, големи и важни држави во Европа рекоа за Заев и Северна Македонија дека тоа е променета земја која најмногу ветува на Балканот. Исто така, фер би било да се каже дека пандемијата не е само здравствена, туку се работи и за економска криза. Од ваква криза држави паѓаат на колена, а некои аналитичари велат дека се работи за “четврта светска војна со невидлив непријател”. Но, и покрај сите проблеми, владата на Заев се држи добро, сервисира граѓани, дели плати, ја одржува во нормала оваа ненормална околност во која сите ние живееме. И не се откажува: работи вредно и посветено само ние да бидеме во некоја релативна безбедност. Без разлика колку е проклето тешко, јас мислам дека треба да и’ се даде комплимент и поддршка бидејќи, реков и погоре – владата работи во ненормални околности заради пандемијата. Овде буквално се работи за борба на живот.

Што се однесува, пак, до политиката, владата на Заев промени многу предрасуди, улогата на политиката ја претвори во “политика на можното”, и колку да е тешко, се’ уште верува во политика на пријателство и политика на мир. Се тоа во една целина која се нарекува “едно општество за сите”.

Од друга страна, короната јасно ни покажа уште еден детаљ: опозицијата е се’ уште авторитарна, ама исто така ни ги откри сите сомнежи кои претходно само ги претпоставуваме: се отворија сите карти на нашите таканаречени “независни” аналитичари, колумнисти и активисти на кои изворчиња се напојуваат. Видовме дека денес не им се важни граѓаните и нивниот јавен интерес, туку важен им е Камчев со неговиот капитал. Сите “независни” и “свои” кои толку врескаа “нема правда, нема мир”, денес или лијат крокодилски солзи или ја обвинуваат владата на Заев иако и самите добро знаат кој е тука дебело виновен и за што.

Оттука, јас мислам дека вреди да бидеме трпеливи и’ да ја поддржуваме оваа политика на Заев, затоа што сепак – и колку да се околностите ненормални – ова е единствена политика која е најблиска до граѓаните, нивните секодневни права и грижи. Дури, ако можам така да кажам, политиката на Заев реагира брзо, навремено и се бори за секој еден поединец во општеството.

Ваква криза немало последните 100 години, а сите минати кризи кои ги имаше оваа земја се мачкина кашлица во споредба што ова денес го имаме. И во таа смислам, јас мислам дека е фер да се каже дека Заев и владата прават надчовечки напори да испорачаат резултати во оваа земја. И кој тоа не го гледа, или не сака да го гледа, нека му служи на чест. Владата на Заев работи со надчовечки напори во оваа незапаметена криза за целото човештво.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ