Драмски театар од секогаш бил синоним за добри претстави, добри глумци, добра дружба и добри штосови.

По цели денови знаевме да бидеме во театарот, проба преку ден, проба попладне и претстава навечер. Буквално живеевме во нашиот втор дом.

После една утринска проба, а чекајќи втора попладневна седевме во интерното бифе кое излегува на пациото (тоа е оној отворен простор во средината на театарот). Некој одеднаш дојде и закачи знаме на “ВМРО” и почна зезање на тема – политика. Додека паѓаа вицови на име на партијата, некој донесе поголемо знаме од “СДСМ”. Тука почна општо смеење и зезање, која е поголема партија, зошто знамето на “СДСМ” е поголемо…

Тогаш во пациото се појави тогашниот директор Димитар Станковски и кога ги виде знамињата, почна веднаш да врти по телефони и да бара знаме од “ДА” (Демократска Алтернатива) чии член беше тој самиот.

За кратко време донесоа знаме на “ДА” кое беше големо колку цело пацио.

Сите урлавме од смеење, и тоа траеше додека некој не донесе од реквизита Југословенско знаме и слика од Јосип Броз Тито.

Настана штама и сите како договорени, станавме и почнавме да ја пееме химната “Хеј Словени”. Настана делириум од смеење а Диме каков што беше духовит, се насмеа и рече: “Ајде вадете тоа знамињата и сликата, зашто ќе ме избркаат од работа.”

Мојот Драмски, како и сите театри во земјава живуркаат со претстави и публика поради пандемијава. Го чекаме времето кога повторно во преполното гледалиште ќе се слушнат овации и смеење од срце.

А ние на сцената ќе се поклонуваме долго, долго…

Дружбата мора да продолжи!

 

Пишува : Драган Спасов Дац