Реков дека оваа година нема да напишам ништо за годишнината од Шарена Револуција. На тој ниет бев затоа што зборувањето за тоа движење се повеќе ми заличува на безазлени демагогии. За поголемиот дел од луѓето Шарена Револуција беше последната надеж дека можеме да бидеме нормална држава. Таа илузија оддамна избледе и затоа зборувањето за тоа се чини како “млатење празна слама”.
Плановите ми ги поремети честитката на УЈП за јубилејната петгодишнина од почетокот на Шарена Револуција. Четри казни од по сто и нешто евра кој ќе ми се одземат директно од плата. Шест веќе ги платив од првата рунда во 2018та па овие веројатно се за да има фина кружна бројка од десет или во пари над илјада и кусур евра.
Иначе се лечам од ковид 19 главно приватно бидејќи еднаш кога отидов на државно направија грешка во резултатите од анализите на крвта и ми предизвикаа невидена паника додека не отидов во авицена каде резултатите ми беа нормални.
Овие честитки, заедно со зголемената цена на маслото за готвење и стопирањето на сите културни настани од кои ние уметниците јадеме леб за мене се вистинската тема за разговор.
Затоа ја користам оваа прилика да ги прокоментирам оние тези дека шарена е единствена револуција која биднала изедена од своите деца со среден прст и едно сочно fuck you. Тој што ја јадел Шарена сепак би морал да има поголем капацитет на потрошувачката кошничка од нас “децата” за да може да ја подмачка и голтне таа кнедла во грло што ја имаме сите ние кои сме се бореле и жртвувале за подобра држава од оваа.
Пишува: Ирена Стеријовска