Милан ја победи Парма во саботата со 1:3 и оствари важна победа во жестоката битка за излез во Лигата на шампионите наредната сезона, а единствена лоша вест за тренерот Стефано Пиоли беше тоа што одново остана без својата главна ѕвезда.
Златан Ибрахимовиќ во неколку наврати отсуствуваше поради повреди, но сега ќе паузира на натперварот против Џенова откако дисциплинците ја задржаа стандардната казна.
Ибра доби црвен картон откако му пререче нешто на главниот судија, а иако подоцна тврдеше нека не го навредил Мареска и станувало збор за недоразбирање, сепак доби стандардна суспензија од еден меч.
– Ибрахимовиќ заработува казна од 5 илјади евра и суспензија од еден меч поради искажано непочитување кон главниот судија со провокативен став, – гласи соопштението на дисциплинците.
Швеѓанецот доби исклучување во 60-та минута при резултат 0:2, а неговиот тим издржа со играч помалку, па иако прими гол, на крајот славеше 1:3.