Владата на денешната седница донесе заклучок да му препорача на Надзорниот одбор на државната новинска агенција МИА да ги реизбере Драган Антоновски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор и Хаљит Ајдини за член на Управниот одбор и за заменик на генералниот директор.
Владата, исто така, го прифати предлогот на Комисијата за именување за членови на Надзорниот одбор на МИА да бидат избрани Александра Мицоска-Митевска, Лилјана Капевска, Мери Илиќ, Ардиан Исеини и Татјана Поповска.
Воедно, Владата денеска на седница ги усвои измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и во средните училишта и измените на Законот за учебници.
Како што стои во соопштението од Владата, со измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта се гарантира стабилност на работниот однос на наставниците, се подобруваат можностите за професионален и кариерен развој и се воведуваат нови можности за стручните соработници.
Преку измените на Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование се очекува да се подобри квалитетот на учебниците во основното и средното.
„Се обезбедува транспарентност на постапките за набавка на учебници, се поставуваат механизми за контрола на содржината со цел спречување на влез на дискриминирачки содржини а се обезбедува и дигитализација и пристап на учебници за лицата со оштетен вид“, соопштија од Владата.