Флорентино Перез ќе ја има улогата на прв човек во новоформираната Европска Супер лига, натпреварување кое допрва треба да се реализира со тоа што веста за истото донесе вистински земјотрес во фудбалот.
Во изминативе неколку денови има многу реакции, закани, коментари, предлози за тоа што треба одговор на 12 екипи кои одлучија да направат нова лига, меѓутоа засега сето ова е само дел од „шоуто“ кое допрва треба да добие разрешница.
Перез за „Ел Чирингито“ говореше отворено на сите прашања на оваа тема, а меѓу другото стана збор и за тоа зошто Пари Сен Жермен, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд одбиле да се најде во големото друштво.
-Затоа што ПСЖ се уште не е поканет, а со Баерн и Дортмунд немаме разговарано. Во моментов има 12 основачи во Суперлигата, а ние сакаме 15 фиксни клубови. Не е точно дека Суперлигата ќе биде одложена бидејќи Баерн и ПСЖ не ни се придружија, -рече Флорентино кој говореше и за тоа дали учесниците во новата лига ќе продолжат да играат во домашните шампионати.
-На почетокот на нашиот проект некој глупак кажа дека нема да играме, потоа се надоврзаа и останати идиоти. Секако дека нема да се откажеме од националните шампионати. Тие се темелот на сè. Националното првенство и Суперлигата можат да бидат во совршена хармонија и соживот. Ништо нема да се промени во националните лиги, -порача претседателот на Реал Мадрид.