Тоа што ја интересира администрацијата на Бајден е количината на никотин во цигарите да биде под нивото на создавање зависност, а тоа е речиси нула.

Потенцијалното намалување на никотинот ќе оди во пакет со одлуката за целосна забрана на ментол цигари (кои заради некоја причина се популарни во САД). Целта на намалувањето на никотинот е хемикалијата да се симне на нивоа кои воопшто или минимално предизвикуваат зависност. Проблемот кај ментол цигарите е што тие се сметаат за „воведни“ цигари за младите, од кои голем број почнуваат со пушење со цигари од овој тип.

Никотинот сам по себе не предизвикува ни рак, ни срцево заболување, ниту проблеми со белите дробови, меѓутоа е хемикалијата која ги навлекува луѓето на цигари.

Истражувањата спроведени од ФДА и американскиот Национален институт за здравје, покажаа дека кога никотинот е речиси елиминиран од цигарите многу е поверојатно пушачите да се откажат од цигари или да побараат „доза“ никотин од помалку штетни алтернативи како е-цигари или никотински мастики.

Намалувањето на никотинот може да се изведе или со генетско модификување на тутунот или со вадење на никотинот од листот тутун за време на производството.

По објавата на веста акциите на Алтриа груп, сопствениците на Марлборо, паднаа за 6%.

Минатата недела Нов Зеланд предложи остро намалување на нивото на никотин во цигарите, како и кревање на минималната возраст на која е дозволено пушење.