Рестриктивните мерки продолжуваат до 27 април

2

Постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на ковид-19 остануваат во сила уште една недела. Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера одлучи тие да се применуваат до 27 април 2021 година (вторник).

Останува во сила полицискиот час кој почнува од 20 часот, остануваат затворени кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт. Забрана за работа имаат фитнес-салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучокот се однесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20 часот, согласно одлуката на Владата за продолжување на одлуката за забрана на движење на населението во период од 20 до 5 часот, заклучно до 27 април 2021 година. Од ЈСП информираа дека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат од 7 до 18.30 часот.

Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.