Средните училишта се подготвуваат за полагањeто на државната матура. На онлајн средбата со министерката за образование и наука Мила Царовска информираа дека постапуваат согласно заедничкото решение на Владата и Сојузот на средношколци за спроведувањето на завршниот испит.
„Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици“, рече министерката Царовска.
Обврска на матурските предметни комисии е да подготват испитни задачи по секој предмет и да ги објават најдоцна три седмици пред полагањето. Од тие испитни задачи потоа се изготвува тестот за интерните испити.
Директорите на средните училишта информирале дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата. Министерката Царовска била информирана и за текот на наставата како и за другите активности поврзани со воспитно-образовниот процес.