Преговарачите на Советот на Европската Унија и Европскиот парламент постигнаа договор за законот за климата според кој ЕУ до 2030 година ќе ја намали емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена бавча за 55 отсто во однос на 1990 година.

„Одушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка определба да станеме првиот климатски неутрален континент до 2050 сега е и законска обврска“, кажа претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Според постигнатиот договор, целта е штетните гасови до 2030 да се намалат за 55 отсто, во однос на сегашните 40. Со договорот е потврден ставот на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на Европската комисија за 55-отстотно намалување, додека почетната позиција на Европскиот парламент беше 60.

„Денешниот договор ја зајакнува нашата глобална позиција на лидер во соочувањето со климатската криза. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест за која се надеваме дека ќе ги инспирира нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашите луѓе и нашата планета“, изјави извршниот потпретседател на Комисијата Франс Тимерманс.

Во преговорите меѓу претставниците на државите членки и Европскиот парламент во последните неколку месеци немаше никаков напредок, сè до последната средба, која почна вчера рано попладне, а заврши денес во пет часот наутро. Законот уште треба формално да го подржат Советот и Европскиот парламент.