Објавените податоци на Државниот завод за статистика за бруто домашниот производ за изминатата година покажуваат дека во четвртиот квартал во 2017 година економијата бележи раст од 1.2% и излегува од состојбата на стагнација. Ова е доказ дека се враќа изгубената доверба во перспективите на домашната економија. Дополнително последно објавените податоци на ДЗС покажуваат и раст на индустриското производство од 8% што претставува уште една потврда дека економската активност се интензивира.
Фактичката состојба којашто ја наследи Владата на Република Македонија по своето формирање беше пад на економијата од 1.3% заради тешка политичка криза предизвикана од политичките блокади, но и заради неодговорното менаџирање со економијата изминатите години.
Новите економски политики, реформските процеси, реафирмацијата на ЕУ и НАТО интеграциски процеси на Република Македонија придонесоа економијата да се стабилизира и да почне да бележи стапки на раст на БДП.
Економската стабилизација се потврдува и со податокот за годишен раст на вработеноста од 1.9% во четвртиот квартал во 2017 година, споредено со истиот квартал во 2016, стои во денешното соопштение од Влада на Република Македонија.