Министерството за транспорт и врски остро реагира на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со доизградбата на автопатот Демир Капија -Смоквица.
Сакаме да потенцираме дека автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба. Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт.
Уште еднаш да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски во рок од два месеци ги заврши сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкраток рок е изграден контролниот центар, а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно.
Исто така, по предлог на Министерството за транспорт и врски се направија и измени во Законот за градење се со цел да се поедностават конкретни административни постапки кои се однесуваат на добивање на употребна дозвола за да не се случи автопатот да биде вон употреба уште најмалку две години.
Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта согласно своите надлежности ќе ги преземат сите активности за да може автопатот да биде пуштен во употреба согласно предвидените рокови.
Ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ јавно да објаснат зошто навремено не се завршиле административните постапки за одобренијата за градење за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислокација на далноводот за да може автопатот да биде пуштен во употреба во рамките на договорените рокови.