Филмот „Црниот Пантер” во кино салите ширум светот заработи над една милијарда долари и тоа за помалку од еден месец, односно за 26 дена.
Станува збор за петтиот филм од серијата на Марвел суперхероите, кој ја надмина таа сума. Главната улога ја толкува Чедвик Бозман, кој го глуми кралот на Ваканда – замислена африканска нација која ја поседува најнапредната технологија на Земјата.
Покрај Бозман, во другите улоги се појавуваат и оскаровката Лупита Њонго, Мајкл Б. Џордан и Даниел Калуја, додека пак Мартин Фриман го глуми агентот на ЦИА, Еверет Рос.
Филмот доби високи оценки и се смета за пресвртница во филмската индустрија. Посебни пофалби доби од поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, поради поголема застапеност на африкански и афроамерикански актерски екипи, вклучени во проектот, меѓу кои е и режисерот Рајан Куглер.
– За мене тоа е како ѕид кој се урива. Ниту едно студио во иднина нема да може да каже „’Црните филмови‘ не ја минуваат границата, интересот преку океанот е минимален”, изјави критичарот Џеф Бок за „Њујорк Тајмс“.
Според ИМДБ, се наведува дека досега 32 филма успеале да ја надминат оваа сума, меѓу кои и „Џејмс Бонд: Операција Скајфол” (2012 година), „Убавицата и ѕверот” (2017). и Дизниевото „Замрзнато кралство”.