Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес присуствуваше на работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија, кој го организираше бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Иван Великов Петков, во својство на земја претседавач со Советот на Европската Унија.
Министерот Димитров изрази благодарност до амбасадорот Петков и за бугарската заложба за приближување на Западен Балкан кон ЕУ за време на нивното претседателство. Ја истакна заложбата до крајот на Бугарското претседавање со Советот на Европската Унија, во јуни 2018 година, Советот да ја донесе политичката одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија за членство во Европската Унија.
МНР Димитров брифираше за конкретните реформски активности, пред се во приоритетните сфери: правосудство, добро владеење, јавна администрација и следење на комуникациите, како и за борбата против корупцијата, организираниот криминал и анти-тероризмот, добрососедските односи и подобрувањето на политичкиот дијалог во Собранието на Република Македонија.
Осврнувајќи се на содржината на Стратегијата за проширувањето на Јункер, истакна дека таа ги исполнува македонските очекувања – отвора рамка за сите земји од Западен Балкан и за прв пат се предвидува ориентациона временска рамка за членство.
На состанокот, МНР Димитров изјави:
„Очекуваме претстојниот Извештај на Европската комисија да го нотира значителниот и видлив напредок постигнат од Владата на Република Македонија на планот на домашните реформи.“
„Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија претставува јасна можност за обновување на обврските од страна на Западен Балкан и ЕУ и очекуваме да биде реален индикатор за тоа колку земјите – членки на ЕУ се подготвени да се посветат на пристапниот процес на земјите од Регионот“.
„Сакаме сите држави од соседството да се движат во вистинскиот правец на ЕУ интегрирање. Многу важни лекции од историјата научивме, а тоа е дека единствената одржлива стратегија за нашиот регион да биде стабилен и просперитетен, е онаа европската“.
Република Македонија ги уважува напорите на Бугарското претседавање со Советот на Европската Унија во надминувањето на актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија, кои имаат и одредено влијание и врз земјите од регионот.