„Законот за јазици“ има околу 12 илјади карактери (заедно со празни места). Тоа значи дека за секој знак, за секое празно место, во просек биле поднесени по 3 амандмани од ВМРО-ДПМНЕ!
Знаеме дека „Законот за јазици“ беше дел од „платформата на ДУИ“, која беше првично прифатена и од ВМРО-ДПМНЕ.
За да продолжи да владее заедно со ДУИ, Груевски немаше проблем да го прифати албанскиот јазик како службен јазик. И го прифати кога медиумските куртони на Груевски објавија дека ја прифатил „платформата на ДУИ“ и дека ќе има ново-стара влада. Впрочем, Груевски беше првиот премиер кој го отвори мостот на Сарај зборувајќи на албански јазик. Со тоа Груевски покажа на дело дека јазиците се мостови, а не брани, и дека е подготвен и албански јазик да научи да зборува за да ја одржи коалицијата со ДУИ! Во време на владеењето на Груевски постојано се развиваше службената употреба на албанскиот јазик, и тоа ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го има потенцирано.
Проблемот со ВМРО-ДПМНЕ е тоа што постојано мора да глумат патриоти пред избори (особено кога се фатени на дело како криминалци), а патриотизмот го разбираат како ширење на омраза кон соседите и сограѓаните.
Така, во 2016 ВМРО-ДПМНЕ водеше хејтерска кампања против двојазичност и федерализација, со која практично го изгубија ДУИ како партнер. Имено, ДУИ толку се потроши од „триењето“ со ВМРО-ДПМНЕ што ако продолжеше да коалицира со нив, веројатно ќе исчезнеше како партија.
Последиците од хејтерската кампања на ВМРО-ДПМНЕ сеуште се видливи. Челниците на ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сакаа да предизвикаат меѓуетнички конфликт, за да ги замачкаат трагите од нивните криминални дела.
За жал, и новото раководство упорно продолжува со оваа губитничка стратегија. Губитничка за Македонија, но и за ВМРО-ДПМНЕ.
Глумата продолжува – ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со кампањата на омраза и дискриминација. А делата кажуваат нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ имаше толку многу против „Законот за јазици“, што на на крај никој не гласаше против него! А кога се носеше автентичното толкување во 2011 со кое се ослободија од кривично гонење за воени злосторства членови на ДУИ, тогаш имаше 29 гласа против.
Се разбира дека „Законот за јазици“ има многу маани, дека е лошо напишан, и дека не би било ништо изненадувачки ако некои негови делови паднат на Уставен суд.
Сепак, таков закон е делумно остварување на Охридскиот мировен договор од 2001 (преточен во Амандман V), кој предвидува „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“
Овој амандман (ако не се чита рестриктивно, како што тоа го прават некои правни манипулатори) не овозможува воведување на двојазичност во Македонија, туку овозможува воведување на повеќејазичност. Имено, ако конечно се спроведе попис, и внимателно се попишат граѓаните и јазиците кои ги зборуваат (а, не само мајчините јазици), тогаш може да се случи да добиеме податоци врз основа на кои би се вовеле и други јазици како службени јазици во Македонија. Имено, ако пописот утврди дека најмалку 20% од граѓаните зборуваат и англиски јазик (кој се учи од прво одделение), српски јазик, или бугарски јазик, тогаш и овие јазици би требало да се воведат како службени јазици.
И нема ништо лошо во повеќејазичноста.
Колку повеќе јазици знаеш, толку повеќе вредиш.
Жарко Трајаноски