„Во врска со донесувањето на Законот за употреба на јазиците, Либералната партија смета дека основен проблем е прекршувањето на процедурата.

Според посебен закон што ги уредува и надлежностите на претседателот на Републиката, утврдено е дека законот за кој не го потпишал указот, Собранието е должно во рок од 30 дена да ја заврши постапката – да го донесе, да се усвојат амандмани или пак да не го изгласа односниот закон. Потенцираме, во рок од 30 дена. По истекот на рокот, секаква процедура и активност врзана за текстот што бил оспорен од претседателот е надвор од нашиот правен систем. Со истекот на 30-те дена процедурата по тој закон престанува и тој натаму не може ниту да се разгледува, ниту да се гласа по него, бидејќи веќе е надвор од процедурата.

Доколку Уставниот суд сака да го штити уставниот и правниот поредок на земјата, треба да констатира дека Законот за употреба на јазиците е донесен вон процедура и дека не е важечки.
Бидејќи според Либералната партија постои потреба од изменување и дополнување Закон за употреба на јазиците, сметаме дека по ваквата одлука на Уставниот суд, со смирени нерви, поголем степен на толеранција и широк консензус, Собранието треба да донесе нов закон кој ќе биде во согласност со процедурата и ќе ги одрази сите сугестии и предупредувања и од опозицијата, и од Венецијанската комисија, и од Советот на Европа, а ќе биде основа за компактно и одржливо, наместо поделено општество“ се вели во соопштението на Либералната партија.