По повод утрешниот 17 март, Ден на крводарителството во Македонија, Општина Прилеп денеска со пригодна свеченост ги отвори вратите за хуманите луѓе, кои што многу пати во животот дарувале крв и спасувале човечки животи. Прилепчанецот Јован Илиоски во својата хумана мисија во општеството бележи најмногу 100 дарувања.
„Од 1987 година дарувам крв, бидејќи тоа го сметам за хуманост. Првото дарување беше во градска болница, кога појдов со вујко ми и оттогаш дарувам крв три до четири пати годишно. Мојата порака е секој да дарува крв. Таа е драгоцена течност, со која се спасуваат човечки животи“, вели Илиоски.
Благоја Ѓорѓиоски, доктор по физикална медицина брои 60 крводарувања.
„Го препорачувам ова, бидејќи има една хумана конотација, во секое време треба да има резерви од крв за луѓе што имаат потреба од такво нешто. Но, дарувањето на крв е добар начин да се прочисти целиот организам. Затоа моја препорака е секој кој што се чуствува здрав, да го прави тоа и да ги осети крводарителските благодети“, вели д-р Ѓорѓиоски.
Сашо Игнатоски на својата хумана страна од животот евидентира педесет крводарувања.
„Им препорачувам на сите што се двоумат, дека не е ништо страшно. Да се спаси човечки живот и да се помогне на некого е хумана работа и затоа треба да бидеме сите хумани и да помогнеме“, порачува Игнатоски.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски им го честиташе празникот на сите крводарителите. За крводарители со голем број крводарувања Општина Прилеп обезбеди и пригодни подароци.
„Им го честитам празникот на сите крводарители на Македонија. Ви го честитам посебно вам празникот, зашто многу пати сте покажале досега својата хуманост и сте спасиле човечки живот. Со вашиот хуман однос имате голем придонес во општеството,зашто со секое крводарување се спасува човечки живот. Честитам за вашата посветеност, несебичност, за вашата хуманост и придонес во заедницата“, рече градоначалникот Јованоски, при врачувањето на благодарниците и наградите на крводателите.
Во Прилеп има околу 3.000 крводарители,според евиденцијата во организацијата на Црвен крст во Прилеп.
„Долги години ги информираме граѓаните за доброволно дарување крв и задоволни сме, има голем одзив. Им благодариме особено на крводарителите што денеска добија плакети од Црвен крст и награди. Со нивната хумана активност и наши заложби Црвен крст, Службата за трансфузиологија во секое време има обезбедено доволно резерви на крв“, вели Слободанка Стојкоска, претставник на Црвен крст од Прилеп.
Крводарителите коишто денеска добија плакети и награди, потенцираа дека и понатаму ќе учествуваат во што поголем број крводарителски акции, за спас на човечките животи.