Итен повик за дејствување со цел планетата Земја да не остане без вода, упатија голем број политичари и експерти кои учествуваат на Светскиот форум за вода во Бразил.
– Едноставно нема време за губење, изјави при отворањето на осмото издание на Форумот, претседателот на Бразил, Мишел Темер.
Државата, каде се наоѓаат 18 проценти од светските резерви на питка вода, од 2012 година во североисточниот дел на земјата ја има најдолгата суша во својата историја.
– Има консензус: животот на Земјата е под закана доколку не ги почитуваме границите на природата, потенцираше Темер.
ОН претстави вознемирувачки документ, според кој, речиси половина од населението на планетата, односно 3,6 милијарди лица живеат во региони каде може да нема вода најмалку еден месец во годината. Според прогнозите, до 2025 година под таква закана ќе бидат 5,7 милијарди лица.
Форумот, кој се одржува под мотото „да си ја поделиме водата“ трае до петок, а на него учествуваат 40.000 лица, меѓу кои најмалку 15 шефови на држави или влади, 300 градоначалници од целиот свет, како и десетици научници и експерти.