Еден месец по затворањето на производствениот погон за текстил „Веибо” во Крива Паланка, што резултираше со прекин на работниот однос на 210 работници, сопственикот и управител на текстилната компанија „Веибо Груп”-Македонија, Мустафа Иршат-Канџа преку соопштение вели дека не станува збор за тоа дека не можеле да обезбедат работа за фабриката, туку не можеле да го сработат договореното и навреме да го испорачаат на нарачателот.
Според него, проблемите започнале кога почнале да бараат лица за вработување.
– Првичната замисла беше да се отворат производствени погони во слободна економска зона Ранковце, каде би биле вработени над 6.000 лица, а со договорот за откуп на земјиштето се обврзав за вработување на 2.000 лица. Проблемот беше што не можевме да најдеме соодветен кадар, па почнавме да вработуваме и лица без квалификации, што резултираше со мала продуктивност, производи кои не ги задоволуваа стандардите и ненавремена и нецелосна испорака на стоката до нарачувачот, заради што станавме неконкурентни на пазарот, вели Канџа во соопштение.
По неможноста да обезбедиме соодветен кадар и да го реализираме договорот, се додава, се обративме до тогашната Влада, барајќи негово ревидирање и ослободување од пенали, но не наидовме на разбирање. – По смената на властите со нашиот проблем беше запознаена и новата Влада, која исто така немаше слух за нашите проблеми и го продолжи односот кој го имаа нивните претходници. Како компанија никогаш не сме го оспориле долгот кој го имаме спрема нашите вработени, ниту бегаме од таа обврска, единствено бараме соодветно решение на проблемот и разбирање, како од работниците така и од властите, стои во соопштението во кое управителот тврди дека никогаш не добил ниту едно евро субвенции за вработувања или каква било друга помош од државата.
„Веибо груп” на поранешните вработени, чиишто договори за работа истекоа на 31 јануари годинава, им должи три плати, исплата на придонеси за пензиско и здравствено осигурување и прекувремени работни часови.
Од 1 февруари досега, 210-мината вработени ја блокираа во повеќе наврати магистралата А2,Куманово -Крива Паланка,протестираа пред општината и пред погонот на фабриката, повикувајќи ги менаџментот и управителот да им ги исплатат платите.
Работниците, преку претставници на Иницијативниот одбор, порача дека не бараат ништо повеќе од она што го сработиле, ниту пак помалку од она што ни следува.