Како во сон, како во полусон, или помеѓу сонот и јавето, прозвучија концертните изведби на гитарскиот гуру Влатко Стефановски, на синоќешниот концерт во Македонска филхармонија, на кој ги промовираше темите од најновиот алкбум „Мајчин јазик“. Беше толку магично интимно, само Влатко на сцена и неговата гитара, што доколку ги затворите очите, би помислиле дека до вас допираат звуците од некоја нестварна измислена бајка.
Деветте инструментални верзии на македонски народни песни, како и композиции од опусот на „Леб и сол“,кои се најдоа на албумот беа изведени во еден здив. Маестрото ја изведе и „Пелистерски очи“, инструментална тема од авторот Тале Огненовски и легендарната „Успаванка за Радмила М“, која своевремено во студијата на М1 ја снимиле со „Бијело дугме“.
-Сум свирел многу музика во испрекршени ритмови 3/4, 4/4, 5/4, 7/8, 8/8, но никогаш претходно во 13/8 такт како на овој албум – им објасни на присутните во преполната сала.
„Елено ќерко“ и, како што кажа најубавата македонска песна „Јано мори“ ја изведе во друштво на Вера и Оливер од „Љубојна“. „Кандилце“ и „Македонци“, негови постари теми беа следни на репертоарот, а потоа ја најави својата четиридецениска пријателка Билја Крстиќ, со која ги изведоа „Димитријо сине Митре“ и „Калајџиско оро“.
-Сега ќе имате можност да присуствувате во феноменален музички екперимент – рече за нивната изведба на „Кајалџиско оро“, која Билја ја интерпретираше на поспор, а Влатко на побрз начин.
Кога дојде ред да ја најави, според него најпопуларната македонска песна која, се пеела и во Америка и во Јапонија и во Западна Европа и каде не, „Јовано, Јованке“, рече дека има скромен придонес зошто во неговото 40-годишно делување песната ја свири на сите свои гостувања надвор. Атмосферата се разбранува, а маестрото имаше објаснување и за тоа.
-Оваа песна е „брејкинг поинт“ на сите мои концерти. После неа ништо веќе не е исто – објасни и беше сосема во право, затоа што публиката веќе почна да станува од своите столчиња и да го подржува ракоплескајќи
„Џипси сонг“ ја изведе со четири виолинистки од Софија, а со последната гостинка на вечерта, оперската дива Весна Гинова Илковска ја изведоа „Македонско девојче“ и „Con te partiro“. Првиот бис беше „Бистра вода“ од репертоарот на „Леб и сол“, а вториот „Скопје“ заедно со сите.
-За овој наш каков таков, но многу мил град што се вика Скопје, пред 30 години напишав една песна – најави Влатко и ја испеа придружен од сите свои гости.
„Мајчин јазик“, овој негов соло акустичен албум минатата година го објави „Кроација рекордс“ од Загреб, а концертите ги организира „Баги комуникации“. Три концерти за оваа пригода, на 17-ти и 18-ти март, и утревечер, 20 март. Но, најубавото од концертите на Влатко, е токму тоа што како да не завршуваат. Кога и да се потсетите на нив го имате чувството како да сте уште таму. Публиката иташе по концертот да си оди, чиниш сака себично да си ги задржи впечатоците само за себе, предозирана со многу музичка убавина. По овие концерти на Влатко со „Мајчин јазик“, навистина ништо веќе не е исто!
Валентина Ѓорѓиевска Парго