Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска денеска престојува во официјална посета на Турција на покана од турскиот министер за национална одбрана Нуретин Џаникли.
На средбата со Џаникли, министерката Шеќеринска истакнала дека Македонија напорно работи за да стане 30-та земја – членка на НАТО и посочила дека Турција е државата која и дава континуирана поддршка.
– Турција е земјата што постојано ги отвораше вратите за Република Македонија за членство во Алијансата. На едно ниво имаме значајна политичка поддршка од Турција, а на друго кое е исто толку важно, е и поддршката во областа на одбранбените реформи и модернизацијата на вооружените сили, истакнала Шекеринска.
Турскиот министер оценил дека балканската стабилност е од големо значење во глобални рамки.
– Ако нема стабилност на Балканот, нема стабилност во Европа, а без европска стабилност, нема стабилност во светот. Балканската стабилност е од големо значење во глобални рамки. Турција ќе продолжи со безрезервната поддршка на Македонија во процесот на реформи во областа на одбраната, нагласил Џаникли.
Тој информирал дека веќе е формирана група за поддршка на реформите во македонската одбрана и оти таа наскоро ќе пристигне во Македонија каде ќе ги оцени потребите и начините како Турција да помогне во реализацијата на одбранбените реформи.
На средбата е нагласен и интересот на македонската Влада за наменската индустрија и е договорена посета на турски тимови во Македонија.
Македонската делегација предводена од министерката Шеќеринска го посети и Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, неколку турски воено-производни капацитети, како и Потсекретаријатот за одбранбена индустрија.
Посетата на Турција продолжува со средбите со турскиот премиер Бинали Јилдирим и со министерот за надворешни работи Мелут Чавушоглу.