Двојно помалку државни пари во првите шест месеци од работењето потрошиле премиерот, министрите, замениците министри, државните секретари и генералниот секретар на сегашната Влада во споредба со владата на Никола Груевски во првите шест месеци по изборите во 2014 година. Владата на Зоран Заев за шест месеци потрошила 21.890.462 денари, а владата на Груевски 44.909.835. Разликата во трошењето е 23.019.373 денари.

– Толкава е заштедата на парите на граѓаните за само шест месеци и само за работењето на овие шеесетина функционери, рече министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој презентирајќи ја Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции преку која е дојдено до ваквите податоци рече дека доколку ваква би била разликата на секои шест месеци, за 11 години колку што на власт беше Никола Груевски, и ако ова би бил некаков просек заштедата на пари на граѓаните би била 8.207.000 евра.

– Никола Груевски во период кога јас барем не се сеќавам на некоја негова поимпозантана агенда надвор од земјата потрошил 5.188.102 денари, а премиерот Зоран Заев во првите шест месеци со неверојатно динамична, особено надворешна но и домашна агенда потрошил 2.918.532 денари, рече Поповски.

Изборот за трошење на државни пари на една од владите на Груевски е направен за споменатиот период, затоа што, според Поповски, тоа било влада која исто како сегашнава фунбкционирала по избори.

Од алатката, која е поставена на веб страницата на македонската Влада, сите заинтересирани, граѓаните, медиумите… можат да ги следат висината на трошењето на државните пари, но и причините поради кои тие биле потрошени.

– Ние стартувавме свесно со функционерите на Владата, бидејќи ако не стартуваме од нас, немаме право да бараме и да очекуваме од фукционерите што ги именувала Владата први да почнат да даваат информации како ги трошат парите, рече Поповски.

Најави дека со оглед на тоа што алатката веќе е креирана ќе се направат напори сите други именувани и избрани функционери да ги доставуваат информациите за потрошените пари и причините за трошењето. Целта, е рече, овој пристап на транспарентност и отчетност да стане пракса на сите кои имаат допир со државни пари.

– Во Македонија никогаш повеќе не смее да се случи период во кој граѓаните нема да знаат што работат функционерите што се избрани и како ги трошат нивните пари. Тоа е нивно основно граѓанско право, а ние постоиме во нивна служба, рече министерот Поповски.

Преку алатката може да се види детално трошењето на двете влади споредбено и поединечно за секој функционер од актуелната и од претходната од 2014, како и наративен извештај за што се потрошени.

Владата на Република Македонија на вчера на седница ја усвои информација за реализацијата на нејзината одлука со која на поранешна седница ги задолжи министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и претседателот на Владата на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година.

линк до алатката