На барање на надзорниот орган, донесовме одлука да се склучи анекс на договорот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид со продолжување на рокот, односно крајниот рок да биде 30 јуни 2021 година.
Ова го изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој информираше дека на вчерашната владина седница била донесена одлука од потребата за донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид.
Како што наведе Сугарески, потребата од продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект се јавува поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот која не одговара со геологијата предвидена во проектот.
„Сакам да нагласам дека овој анекс се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства бидејќи сè уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително. Најпрво е потребно да се изврши допроектирање на сите работи и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот. Очекуваме овој закон најбрзо да влезе во собраниска процедура и во скратена постапка пратениците да ги излгасаат за да можеме да продолжиме со изградба на автопатот“, истакна министерот за транспорт и врски.