Се уште сме класични балкански производители, немаме конкуретно земјоделско производство за европските пазари, а се намалува и продуктивноста, смета Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери (НФФ).
Во интервју за МИА, Мојсовска вели дека договорното поризводство не се почитува иако е обврзно со закон и тоа е еден од најголемите проблеми во секторот. Притоа, постои нелојална конкуренција, мал број стопанственици ги диктираат откупните цени.
Претседателката на НФФ го поздравува воведувањето „зелена нафта“, но бара измена во предлог законот. Наместо максималната граница за компензација на трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација да биде до 50 отсто, како што е дефинирано, да стои „минимална компензација од 20 до 50 отсто“.
– На ваков начин ќе се воведе вид гаранција дека поддршката ќе биде сериозна и конкретна, дека нема да се доведеме во ситуација со одлука на Влада, преку Годишната програма за развој на земјоделството, оваа мерка да стане симболична и да се намали на 10, па дури и на пет отсто, нагласува Мојсовска.
Таа апелира на потребата од здружување во земјоделски задруги и на воведување мониторинг-систем за трошењето и ефектот од субвенциите. Воедно потестува да се исплатат штетите од пролетните мразеви што ги претрпеа лозарите и овоштарите во 2017 и 2016 година.
– Според нас, решенија за македонското земјоделство се нови пазари, кооперативи, нови технологии, развој на постбербени активности и овозможување развој на преработки и во домашни услови како што бараме со измените во Законот за вино – малите винарии и домашните производители да произведуваат во домашни услови вино и ракија и продаваат, истакнува Мојсовска во интервјуто за МИА.
Мојсовска е жена-фармер. Со своето семејство живее во неготинското село Тимјаник, од земјоделство. Се занимава со калемење овошни и лозови садници и е производител на винско и трпезно грозје.