„Единствената цел на СДСМ не е просперитетот на државата и заштитата на националните интереси, туку оваа лепена коалиција да остане на власт.

Потребите на граѓаните за СДСМ се на последно место, а на прво место е остварувањето на концесиите кон коалиционите партнери со цел задржување на своите фотелји.

СДСМ не прашува ниту за цена, ниту за последици кога се работи за партиските интереси. Законот за двојазичност кој е резултат на класична уцена на корупмирани политичари е донесен спротивно на сите процедури. Тој ги надминува рамките на Уставот и Рамковниот договор, целосно е неприменлив и штетен.

Ваквото законско решение ќе создаде дополнителни поделби во македонското општество по партиска и етничка основа, поделби кои ја загрозуваат унитарноста на државата.

Овој закон ќе има и огромни економски импликации врз буџетот на државата како и директно влијание врз џебот на граѓаните поради огромните глоби кои се предвидени во Законот.

Колку километри автопат, канализација, колку болници, градинки и игралишта можеа да се изградат со парите кои се наменети за реализација на овој политички хир на владеачкото мнознинство? СДСМ наместо за проекти и реалните потреби на народот сака да ги троши парите на граѓаните за зголемување на јавната администрација, удвојување на преводите и архивите на два јазика, менување на табли и изготвување на нови двојазични униформи и бaнкноти.

Оние кои први ја препознаа единствената цел на СДСМ, доаѓањето на власт по цена и на жртвување на националните интереси, беа првите кои се најдоа во притвор. Патриотите меѓу кои се наоѓаат и уметници, интелектуалци, народни избраници не се терористи. Овие луѓе го крена гласот против вистинската закана за уставниот поредок на држава, а тоа е Зоран Заев и СДСМ.

Секој час кој овие луѓе го поминуваат во притвор поради монтирани обвиненија е час повеќе кој не дели од правната држава и нашите стратешки цели ЕУ и НАТО. Правдата мора да се врати. Правдата и ќе се врати, а тогаш сите оние кои постапувале политички, а не по словото на Законот и Уставот ќе сносат одговорност“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.