Пред заокружување на проектот „Општинско корисна работа“, градоначалникот Илија Јованоски денеска го посети Дневниот центар за деца со посебни потреби „Ѕуница“ каде, во рамките на проектот, се ангажирани двајца психолози кои и помагаат на децата со посебни потреби. Јованоски се сретна со психолозите и на дневниот центар му донираше нагледни средства.
Според Јованоски проектот е успешен и во четири организации се ангажирани 15 лица.
– Општина Прилеп по четврт пат во четири институции од нашиот град го имплементира проектот „Општинско корисна работа“. Со финансиска поддршка на УНДП, Агенцијата за вработување и на Министерството за труд и социјална политика, во четири организации привремено се вработени 15 лица, од кои седум во детските градинки, пет во домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, две лица во Дневниот центар „Ѕуница“ и едно лице во основното училиште „Добре Јованоски“. Се надевам дека со помош на УНДП, проектот ќе продолжи и понатаму и дека ќе најдеме заеднички јазик со вработените, со цел да нема прекин на континуитетот во нивната работа, рече Јованоски.
Психологот Елена Милеска, која заедно со нејзината колешка Катерина Кировакова, шест месеци работеа со штитениците на Дневниот центар „Ѕуница“ е задоволна од работата.
– Ние сме многу задоволни од текот на проектот. Стекнавме практични знаења кои ќе ни помогнат при вработувањето. Се надеваме дека проектот ќе продолжи бидејќи мислиме дека многу помогнавме во оспособувањето на децата, со кои работевме и индивидуално и групно, вели Милеска.
И во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа се задоволни од постигнатите резултати и, воедно, се надеваат дека имплементацијата на проектот ќе продолжи.
Задоволство е да ги оценуваме резултатите на „Општинско корисната работа“ која овде, во оваа наша установа, со двајца психолози во период од шест месеци споделувавме искуствени знаења, кои понатаму и ним и нам ќе ни користат во работата, рече Живко Силјаноски, в.д директор на прилепскиот Меѓуопштински центар за социјална работа.
Дневниот центар за деца со посебни потреби „Ѕуница“, го посетуваат 20 штитеници. Проектот има за цел преку општинско корисна работа да се обезбедат поквалитетни социјални услуги за граѓаните на локално ниво и, истовремено да им се овозможи на невработените лица да стекнат работно искуство и подобри квалификации.