Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, по повод 27-ми март – Светскиот ден на театарот, вечер со почеток во 20 часот премиерно ќе ја изведе својата најнова театарска продукција „Кралските копилиња“, авторски проект на Сашо Димоски.
Како што информира за медиумите Димоски, „Кралските копилиња“ е театар на телото во епски слики, работен според пост-тројанскиот митски циклус сместен во кралската куќа Арг.
– Приказна за боголуѓето која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја. Претстава за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор,појаснува Димоски.
Автор на текстот, режисер и автор на аудио-визуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видео-дизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев.
Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и плакатот е Адам Мартинакис.
Во претставата настапуваат актерите: Васил Зафирчев како Агамемнон, Кети Борисовска како Клитемнестра, Талија Настова како Електра, Жарко Спасовски како Орест, Марија Стефановска како Ифигенија, Фаик Мефаилоски како Егист и Маја Љутков како Касандра.
„Кралските копилиња“ е прва премиера од Годишната програма на Велешкиот театар за 2018 година, а ја реализира од сопствени средства.
Првата реприза на претставата е предвидена на 31-ви март.