ДОМ ја поздравува одлуката на Владата за одземање на концесијата за рудникот Казандол, поради неисполнување на условите од договорот. Ова е чесен потег со кој се покажа одговорност и почитување на правото, но и на здравјето и животната средина. Се покажа дека заложбите на екологистите и нашите заложби како зелена партија има кој да ги чуе и прифати. Тврдевме дека ИМА ОСНОВА ЗА РЕВИЗИЈА на концесијата и тоа се потврди.

Не беа залудни референдумите во Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија, трибините, протестите, пресовите, контролите од инспекторатот за животна средина, кампањите по социјалните медиуми, дебатите на сите медиуми, поддршката од балканските екологисти и од Европските Зелени!

Затворањето на Казандол е заедничка победа на екологистите над валканиот бизнис! Честитки за сите борци, кои не потклекнаа пред заканите и уцените од моќниците! Ова е голема заедничка победа на сите кои веруваме дека светлиот живот во Македонија не го носи црната рударска прашина, натопена со сулфурна киселина или цијаниди, туку зелената економија!

Македонија, како и целиот Балкан, има совршени услови за производство на здрава храна и обновлива енергија, рурален туризам, паметни незагадувачки технологии. Да ги искористиме предностите на македонското питомо поднебје и интелектуалниот потенцијал на нашите граѓани, за да обезбедиме здрав и безбеден живот за сите!