Еден истражувач создал статистички модел користејќи податоци за војните во минатото со цел да предвиди кога светот би се соочил со следниот голем конфликт. Би било одлично да можеме да ја предвидуваме иднината, зарем не? Предвидувањето на следниот тренд кај социјалните мрежи би ни помогнало да ги рекламираме нашите бизниси. Но најсличното нешто на предвидување што можеме да го добиеме е учење од минатото. Ако погледнеме назад кон работите кои знаеме дека се случиле би можеле да ги искористиме тие информации и да погодуваме што би се случило следно и кога.
Статистичката анализа на податоци од многу години (децении, ако не и векови) може да ни помогне да предвидиме речиси сè – од трендови до епидемии. Всушност, истражувачите ја користеле активноста на Твитер за да предвидат активност на грип. Истражувачите исто така користат податоци од минатото за да го подобрат предвидувањето на времето, како и за предвидување природни катастрофи.
Сега, Арон Клосет, професор асистент и компјутерски научник на Универзитетот во Колорадо се обидел да ја предвиди една од најголемите закани на човештвото – војната.
Ера на мир?
Од последната голема војна имаат поминато повеќе од 70 години. Всушност и Првата и Втората светска војна се случиле во период од 30 години. Иако оттогаш има некакви конфликти помеѓу некои држави, сме немале глобален конфликт речиси цел век.
Некои експерти сметаат дека е само прашање на време. Други инсистираат дека живееме во мирна ера и дека војните од тој вид, иако се дел од нашата историја, нема да бидат дел од нашата иднина. Но дали има начин да се знае со сигурност, особено кога напредокот на технологијата овозможил еволуција на природата и дефиницијата на војната?
Обидувајќи се да ги одговори овие прашања, Арон разгледувал податоци од војните во периодот од 1823-та до 2003-та година. Податоците се собрани од Correlates of War Project, онлајн база на податоци за војните која ѝ е достапна на јавноста. Потоа создал компјутерски модел кој му помогнал да ги среди податоците.
Како што ги разгледувал податоците, Арон обрнал внимание на тоа каков бил светот пред, за време на и по долг период од конфликтот. Особено сакал да најде други повоени периоди во историјата каде што човештвото минувало децении без поголема војна. Идентификувајќи ги овие периоди, се надевал дека би можел да одреди што би го нарушило овој 70-годишен мир. Она што го открил е дека овој период на „мир“ иако ни изгледа неверојатно, не е толку необичен. Наводно, за мирната ера по Втората светска војна да биде статистички значајна би требало да трае околу 100-140 години.
„Овие резултати покажуваат дека сегашниот мир можеби е покршлив отколку што веруваме“, изјавил Арон.
Покрај тоа, Арон изјавил дека самата војна е редок настан.
„Во чисто статистичка смисла, долгиот период на мир само создава рамнотежа релативна на големото насилство. Опасноста од многу голема војна ќе остане константа.“
Арон смета дека додека човештво можеби ќе ја цени способноста да се предвидат конфликтите, сепак останува големото прашање: Колку далеку сме од катастрофална војна која ќе му стави крај на животот на Земјата? Па Арон го искористил статистичкиот метод за да го предвиди падот на човештвото. Според променливите – промени во глобалното население, технолошки напредок и менување на политичкиот пејзаж, тој смета дека судниот ден на човештвото би се случил за 383 до 11.489 години, со средина од 1.339 години. Тој заклучил дека веројатноста за таков настан е најверојатно непозната, но иако не можеме да знаеме ништо со сигурност, изгледот за конфликт кој би ѝ ставил крај на цивилизацијата во следните 13 векови би требало да ни ги отвори очите.