Канадскиот производител на марихуана „Aurora Cannabis“ го купува својот локален ривал „MedReleaf“ во договор за 2,5 милијарди долари. Ова е најголемата зделка на легалниот пазар на марихуана.

„Aurora Cannabis“ ќе поседува 61% од комбинираната компанија, а акционерите од „MedReleaf“ останатите, пријави „Financial Times“.
Овој потег ќе и овозможи на компанијата да го прошири своето производство во време кога владите ширум светот ја легализираат марихуаната за рекреативни цели.

Договорот

„Aurora Cannabis“ плаќа 29.44 канадски долари за акција на „MedReleaf“ што е 18% премија над котите при затворање на пазарот во петокот. По договорот, „Aurora“ ќе го зголеми својот производствен капацитет до 570.000 килограми марихуана годишно.

Извршниот директор на „Aurora“, Тери Бут прокоментира дека комплементарните средства на компаниите ќе им овозможат составување на одлично портфолио на производи, кои целосно ќе одговори на потребите на канадскиот пазар.

Покрај тоа, новата компанија ќе може да ги задоволи брзо растечките глобални пазари.

Растечки пазар

„Aurora“ презела над 10 компании во последните две години, во обид да се консолидира секторот, очекувајќи го легализирањето на марихуаната во Канада. Акциите на компанијата пораснаа за над 3 пати во текот на последната година, а во последната фискална година која заврши до крајот на јуни 2017 година, приходите се зголемиле повеќе од 12 пати.

Канабисот за медицински цели е легализиран во 21 земја, вклучувајќи ги Германија, Австралија, Колумбија, а многу влади моментално дебатираат за оваа тема. Во САД, марихуаната е легална во повеќе од половина од државите и речиси две третини од населението ја поддржуваат нејзината легализација.

Канадскиот пазар за марихуана се очекува да достигне 6,5 милијарди долари до 2020 година, кога населението ќе купи над 800 илјади килограми.

За споредба, пазарот на алкохолни пијалоци во земјата се проценува на 5,5 милијарди. Значи не е случајно што многу инвеститори се заинтересирани за новиот сектор, кој ветува голем раст и профит.