По вчерашните шпекулации за влегувањето на Беса и ДПА во Владата на Зоран Заев, од владината коалиција информираат дека нов министер за култура на местото на Роберт Алаѓозовски е пратеникот од Беса, Зеќирија Ибраими, а нов министер без ресор е Бардул Даути од ДПА.

Овие информации се очекува официјално да бидат потвредени во текот на денот.

Промените доаѓаат по најавите на премиерот Зоран Заев за реконструкција на Владата и проширување на парламентарното мнозинство. Тој неодамна изјави дека во актуелната Влада има место за сите парламентарни партии, освен за ВМРО-ДПМНЕ. Пред два дена тетовското крило на Беса, предводено од Билал Касами, официјално ги прекина преговорите за влез во Владата. Засега во оваа владина гарнитура влегува само крилото на Беса предводено од пратеникот Африм Гаши.

Претходно Заев преговара со „Алијансата за Албанците“ во Владата, но преговорите пропаднаа. Заев на Тачи и на Гаши им ги ветил и сите заменички и директорски места што ги имаше „Алијансата за Албанците“, која веќе не е дел од владината коалиција.