Семејство на обвинет за исчезнувањето на Самоил бара фер судење и ослободителна пресуда

1379

Семејството на обвинетиот Виктор Миланоски(за исчезнувањето на Самоил Костадиновска) до медиумите и средствата за јавно информирање денес побара фер судење и ослободителна пресуда.

Во продолжение интегрално го пренесуваме апелот на семејството на Миланоски:

“Повеќе од една година поминуваме под стрес, закани и притисоци. Поради сите овие причини решивме да се огласиме во врска со случајот со изчезнатиот Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски, случај во кој обвинет е Виктор Миланоски мојот брат.

Првообвинетиот е другар на Самоил и знаел дека самиот Самоил бил вклучен во нечесни игри. Второобвинетиот воопшто не го ни познавал Самоил. Но најважното прашање е кои се двајцата обвинети и дали се вистинските луѓе, како и дали воопшто имаат некаква поврзаност со овој случај?

Тврдиме дека ова е хајка против обвинетите и дека судството и обвинителството имаат огромен политички притисок за тие да бидат осудени по секоја цена. Велат дека молчењето е залто, но можно ли е да се остане нем и глув на сите клевети? Обвинети се на база на приказни смислени од локални мафии без никакви докази!

Тврдиме дека едноставно првообвинетиот се нашол во погрешно време и на погрешно место, со тоа што тој е последниот со кој Самоил бил виден и со кој се посочува дека бил во контакт пред да исчезне, ако воопшто е исчезнат?! Отворено е и прашањето дали можеби се крие некаде поради нерасчистени долгови за наркотични средства?!

Второобвинетиот изјави дека тој само му дал кола на користење на првообвинетиот, како и во многу други наврати, бидејќи е во бизнис со препродажба на автомобили и дека не гледа ништо лошо во тоа да позајмиш кола на другар, но Обвинителството поради тоа го става како соучесник во ова дело. И покрај доказите кои се обезбедени како видео материјал дека второобвинетиот во критичното време бил во Соборен храм, на литургија, тој остана во притвор цели четири месеци, а во цело тоа време, јавниот обвинител со закани сакаше да извлече признание за дело што не го направил. Ако неправдата стане закон, отпорот е наша морална должност.

Бараме фер судење, без притисоци и ослободителна пресуда – бидејќи лицата се невини, не вмешани во ништо, а осудителна пресуда под политички притисоци не е правда!”