asd

Се бара спас од отровната супстанција „линдан“ од ОХИС

13

Невладини организации и стопанственици бараат начин како Скопје и Македонија да се спасат од отровната супстанција „линдан“ која со години стои складирана во кругот на „Охис“ и ги труе граѓаните. Бараат од Владата да го забрза процесот за носење на подзаконските акти за елиминирање на опасноста.

Според првичните опции, спасот од оваа отровна материја е таа да биде однесена во Германија и запалена во специјална печка. Но, оваа опција може да биде прескапа за буџетот на Македонија.

„ Самиот транспорт до таму е проблематичен бидејќи е многу скап. Истиот ќе мора соодветно да се обезбеди, но ископувањето и транспортот се најскап дел од процесот“, изјави Невена Смилевска – Еко свест.

Рак, заболувања на бубрезите и црниот дроб, нарушувања на жлездите, хормоните и имунолошкиот систем се само дел од болестите кои ги предизвикува опасниот линдан, кој е нус-производ од времето кога ОХИС произведуваше определени пестициди за заштита во земјоделството.

„…Ние она што можеме да го направиме е да притиснеме да се забрза донесувањето на подзаконскиот акт и побрзо да се реши проблемот“, рече Давор Пехчевски – Аналитичар за животна средина.

Според првичните анализи, Владата планира овој проблем да го решава со донации, но и со пари од државната каса. Но, од Министерството за животна средина до почетокот на вестите не дадоа одговор што се планира и прави во таа насока и дали конечно граѓаните ќе се спасат од штетните последици на складираниот линдан.