asd

Совет за безбедност: Следни чекори во борбата против коронавирусот?

41

Покрај членовите на Советот, на седницата се поканети министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата. ВМРО-ДПМНЕ реагира што не се поканети и партиските лидери.

„Стево Пендаровски свика проформа Совет за безбедност без покана за политичките лидери”. Со оваа куса реакција во партиско соопштение, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го изрази незадоволството од фактот што лидерите на партиите нема да присуствуваат на седницата на Советот за национална безбедност, која претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја закажа за денеска во 16 часот.

На седницата ќе учествуваат постојаните членови на Советот – премиерот, претседателот на Собранието, министрите за внатрешни, за надворешни работи, и за одбрана, и тројцата надворешни членови назначени од Пендаровски: Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ. Покрај нив, поканети се да присуствуваат министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата, а единствената точка на дневен ред е состојбата со Ковид-19, и други прашања кои се поврзани со ширењето на коронавирусот во земјава.

„Досега се одржани две седници на Советот за безбедност. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше поканет на конститутивната седница, но тој не присуствуваше. На утрешната седница, не се поканети партиски лидери, а ВМРО-ДПМНЕ има претставник преку министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој е член на Советот“, изјавија од претседателскиот кабинет за „360 степени“.