Македонија се уште лута и ги нема дефинирано стратегиските земјоделски производи. Ако некој производ е стратегиски, треба да му се даде и такво значење. Од почеток до крај треба така да се третира – од семето, преку производството, до приносот, а субвенциите и стимулациите да бидат во функција на давање најдобри можни резултати, вели Огнен Оровчанец, сопственик на „Агроунија“ и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори.

Во разговор за МИА, Оровчанец нагласува дека за успешно, стабилно и конкурентно земјоделство е многу важно да се знае каде ќе заврши родот пред да се посее.

– Најголемите резултати се добиваат кога луѓето знаат за кого произведуваат и под кои услови. Тоа е еден од клучните проблеми зошто немаме сериозно производство со години. Друг голем проблем е откупот, потенцира Оровчанец.

Според него, мора да се почитуваат договорите меѓу земјоделците и откупувачите, да се применува нова, современа технологија и да се следат светските стандарди.

Претседателот на Агробизнис комората напоменува и дека сериозно производство без план и поддршка од државата не е можно.

– Евидентно е намалување на површините под земјоделски култури, како и на интересот за производство. Тоа се должи на несредената состојба, не сега, не во последниве три, пет, десет години, туку во последниве 30 години. Уште еднаш ќе кажам, ако немаме откуп, односно ако произведуваме, а не знаеме за кого, не можеме да зборуваме за сериозно производство, вели Оровчанец.

Во разговорот тој укажува и на обемната законска регулатива која, како што нагласува, го парализира и поскапува производството.